ГРИЖА ЗА ЕСНАФОТ

Идните локални власти да покажат разбирање и грижа за занаетчиите, да им помогнат со мерки и субвенции, да го задржат еснафот во градовите. Занаетчиите се тие кои ја креваат локалната економија, со свои донации и вредните раце се оние кои ги изградиле градовите, затоа занаетчиската комора бара поддршка во овој кризен период за намалување на негативните економски ефекти предизвикани од корона-кризата.

Намалување на фирмарина, на закупнина, на данок на имот, на комунални такси додека трае пандемијата бараат занаетчиите од идните локални власти. Занаетчиската комора бара кандидатите за градоначалници, носителите на советнички листи од партиите, коалициите и групите избирачи во програмите со кои настапуваат на локалните избори да определат мерки и финансиски средства со кои ќе предвидат намалувања на даноците кои се прибираат во општинските каси и субвенционирање на старите занаети во сите општини во државата.

Тие бараат локалните самоуправи да им помогнат на занаетчиите во справување со сивата економија, да организираат заеднички промоции, саеми, манифестации, да ги вклучат занаетчиите во проекти. Еснафот бара да биде вклучен во локалните тела во кои ќе ги штитат интересите на оваа група работници.

Целта, како што велат од Занаетчиската комора е преку вакви мерки да се сопре иселувањата на стручните квалификувани кадри од државата, да се задржат занаетчиите во локалните заедници, да им се понуди поддршка, општините да им обезбедат услови за иновативно и конкурентно работење на пазарот.

– Ние со бизнис конфедерацијата на Македонија почнавме проект што се вика „Дијалог за подобри услови за бизнис на локално ниво“. Тргнувајќи оттука ги посетивме сите регионални занаетчиски комори и увидовме дека во сите региони во земјава има различни потреби за водење бизнис и различни потреби за занаетчиите. Овие барања излегоа како заеднички на регионалните комори, додека во различните региони има и посебни, специфични барања за конкретен регион. Неопходно е занаетчиите да бидат опфатени со мерки и од локалната власт, затоа што таа може да придонесе многу за подобрување на бизнис климата во општините каде што делува, вели претседателот на Занаетчиската комора на Република Северна Македонија и претседател на регионалната комора во Куманово, Агрон Фазлии.