Регионалната занаетчиска комора денеска отвори „Етно одаја“ која има за цел да го промовира и презентира занаетчиството од кумановскиот регион. Отворањето на оваа одаја во која се прикажани носиите, предмети за покуќнина, прекривки е дел од проектот „Занаетчиството-непресушен извор на традицијата“.
Креирањето на собата се спроведува со поддршка на Министерството за економија и на општина Куманово. Целта е да се презентираат старите занаети и да се потсетат надлежните дека занаетчиите заслужуваат поддршка.
– Ова активност се спроведува во рамки на проект за помагање на старите занаети и за промовирање на занаетчиството, како потенцијал за вработување, за економски раст во општината, но и да покажеме колку вреди нашата историја, со какви предизвици се соочиле нашите предци. Предметите кои тука се изложени нè потсетуваат на нашите предци, изјави Агрон Фазлии, претседател на регионалната занаетчиска комора и на занаетчиска комора на Македонија.
Тој потсети на мерките кои ги добија занаетчиите изминатиов период од институциите како поддршка за надминување на негативните последици од ковид кризата и се осврна на потребите од креирање стручен кадар, кој недостига во многу занаетчиски гранки.
Грнчарот Стојан Трајковиќ од Куманово посочи дека пандемијата особено ги погодила малите занаетчиства и рече дека особено им била значајна поддршката преку различните мерки од институциите.
– Занаетчиството тешко се бореше изминативе години бараме поддршка од Занаетчиската комора на Македонија во сите сфери да ни помогне, бараме помош и на општинско ниво, да истраеме и да го претставуваме и градот и државата. Барем дел од младите да го наследат овој занает, изјави Трајковиќ.
Кумановските занаетчии посакуваат да направат сувенирница во која ќе бидат прикажани изработките на занаетчиите од градот.
